Процесот на подготовка на предлог  Закон за младинско учество и младински политики , како иницијатива на Клубот за младински прашања и политики, започна од март 2018 година, со одржување на јавна расправа во Собрание на РСМ и креирањето на работната група и од  самиот почеток  предлог текстот се креирашезаеднички од страна на пратениците, институциите и младинските организации.

Ова е прва заедничка иницијатива со вклученост на сите засегнати страни, за креирање на закон  кој ќе ги третира нерегулираните аспекти кои се од значење за подигнување на квалитетот на живот на младите, младинското учество и организирањето на локално и национално ниво, младинските политики и други аспекти од животот на младите.

Во текот на целиот процес, работната група одржа голем број на состаноци, на кои се дискутираше за содржината и опфатот на предлог законот и се даваа предлог модели и решенија за одредбите кои се дефинирани во истиот.

Сите одржани средби на работната група, како и текот на целокупниот процес, се поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Мисијата како партнер во овој процес има голема улога во непречено одвивање на активностите кои произлегуваат од овој процес и нивно успешно финализирање.

По серијата средби на работната група, трите групи креираа предлог текст на Законот за младинско учество и младински политики, кој обезбедува широк, инклузивен и сеопфатен пристап. На креирањето на овој закон ќе му претстојат широки  консултации на локално и на национално ниво, јавни трибини и дискусии, како и серија на јавни расправи во Собрание.