Процесот на подготовка на Закон за млади, како иницијатива на Клубот за младински прашања и политики, започна од март 2018 година, со одржување на јавната расправа во Собрание и креирањето на работната група каде предлог текстот од самиот почеток се креира заеднички од страна на пратениците, институциите имладинските организации.

Ова е прва заедничка иницијатива со вклученост на сите засегнати страни, за креирање на закон  кој ќе ги третира нерегулираните аспекти кои се од значење за подигнување на квалитетот на живот на младите, младинското учество и организирањето на локално и национално ниво, младинските политики и други аспекти од животот на младите.

Во текот на целиот процес, работната група одржа голем број на состаноци, на кои се дискутираше за содржината и опфатот на законот и се даваа предлог модели и решенија за одредбите кои се дефинирани во истиот.

Сите одржани средби на работната група, како и текот на целокупниот процес, се поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кои како партнер во овој процес имаат голема улога во непречено одвивање на активностите кои произлегуваат и успешно финализирање на процесот.

По серијата средби, трите групи креираа предлог текст на Законот за млади, кој обезбедува широк, инклузивен и сеопфатен пристап. На креирањето на овој закон ќе му претстојат широки  консултации на локално и на национално ниво, јавни трибини и дискусии, како и серија на јавни расправи.