ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА МЛАДИНСКО УЧЕСТВО И МЛАДИНСКИ ПОЛИТИКИ

 

  1. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

 

Предмет на законот

Член 1

 

Предмет на уредување на овој Закон се формите на младинско организирање, учество на младите во процесот на креирање на младински политики и донесување одлуки кои се однесуваат на нив, стратешките документи на национално и локално ниво, како и активностите и мерките кои ги преземаат органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа за унапредување на положбата на младите во општеството, како и информирање и заедничко планирање на активности поврзани со и за млади.

 

Значење на изразите

Член 2

 

Одредени изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

  1. „Млади” се лица на возраст од 15 до 29 години;
  2. „Младинска политика” е збир на мерки и активности кои се превземаат за да се задоволат потребите на младите, со цел остварување на нивниот полн потенцијал;
  3. „Неформална група на млади” е облик на здружување кој не е правен субјект, и во кој младите се здружуваат за остварување на заеднички цели;
  4. Младинска работа претставува организиран и систематски процес на едукација и поддршка на автентичниот развој на младите со цел остварување на нивниот целокупен личен, социјален и општествен потенцијал и нивно активно вклучување во животот на заедницата;
  5. Младински работници се квалификувани лица кои поседуваат компетенци за работа со млади луѓе спроведувајќи активности со кои се поддржува нивниот личен и социјален развој преку неформално и информално учење.

 

 

Основни цели на законот

Член 3

 

Овој закон има за цел:

  1. Креирање и спроведување на политика на млади на сите нивоа преку повеќе секторски пристап, поаѓајќи од потребите и интересите на младите;
  2. Зајакнување на учеството на младите во процесите на креирање на политики за млади, активно информирање, промоција и заштита на интересите на младите, како и зајакнување на свеста за важноста на младите и нивната општествена улога.;
  3. Поддршка и унапредување на младинското организирање;
  4. Поттикнување на структурен дијалог на национално и локално ниво;
  5. Поттикнување на волонтерство, младински активизам и младинската работа;
  6. Поттикнување на личен, професионален, социјален развој кај младите.

 

 

Член 4

 

  • Основни начела на кои се заснова овој закон се:

 

  1. Еднаквост,еднакви можности и забрана на дискриминација;
  2. Независност, плурализам и демократија во сите форми на младинското организирање;
  3. Унапредување на свеста за значењето на младите и нивната општествена улога;
  4. Мултикултурализмот, интеркултурализмот и инклузивност во активното учество на младите;
  5. Одговорност и солидарност кај младите;
  6. Меѓуинституционална соработка во креирање и спроведување на младински политики.

 

(2) Сите форми на младинско организирање, како и органите на државната управа, во постапувањето и активностите кои се однесуваат на младите ќе се придржуваат до начелата од ставот 1 на овој член.

 

 

  1. ФОРМИ НА МЛАДИНСКО ОРГАНИЗИРАЊЕ И ПРЕТСТАВУВАЊЕ

 

Младинска организација

Член 5

 

Младинска организација е секоја организација која е регистрирана согласно Законот за здруженија и фондации, во која собранието како највисоко тело на одлучување е составено од најмалку две третини млади лица на возраст од 15 до 29 години и чии што цели и активности се  дефинирани и насочени кон унапредување на интересите на младите.

 

Организација за млади

Член 6

 

Организација за млади е секоја регистрирана организација согласно  Законот за здруженија и фондации, која не е водена од млади,  или е организирана како дел од друг правен субјект (политичка партија, синдикат итн.), чиј дел од програмските цели и активности се насочени кон унапредување на интересите на младите.

 

Младински чадор организации

Член 7

 

  • Младински чадор организации се организации во кои членуваат формите на младинско организирање кои се обединуваат врз основа поради остварување на заеднички цели во специфични области од интерес на млади.
  • Младинска чадор организација треба да:

– има најмалку десет членки од најмалку пет плански региони на Република Северна Македонија;

– има  две третини млади во највисокиот орган на управување;

 

– да биде регистрирана согласно Законот за здруженија и фондации.

  • Младинска чадор организација има свој Статут.

 

Член 8         

 

Младинските чадор организации може да:

  • Учествуваат во процесот на креирање закони, документи за политики и други стратешки документи од областа во која делуваат;
  • Учествуваат во спроведување, следење и оцена на политиките за млади во областите во кои делуваат;
  • Поддржуваат младинско организирање и здружување во Република Северна Македонија;
  • ги застапуваат заедничките цели во посебните области од интерес на младите во кои делуваат;
  • Предлагаат мерки и акции кон носителите на одлуки во областите во кои делуваат;
  • Спроведуваат анализи и истражувања во однос на развојот на младите во општеството.
  • Спроведуваат активности овозможени со овој Закон, други подзаконски акти и Статутот на организацијата.

 

Национално претставничко тело на млади

Член 9

 

Националното претставничко тело на млади претставува сојуз на форми на младинско организирање кое ги претставува, координира и унапредува интересите на младинското организирање и во односите со органите на државната управа е препознаен како главен претставник на младинското организирање на национално ниво.

Национално претставничко тело на млади се основа од најмалку две третини од организациите регистрирани во Регистарот на Агенцијата за млади и спорт, од сите плански региони, кои најмалку една година спроведуваат младински активности или активности насочени кон младите.

Националното претставничко тело на млади од ставот 1 на овој член се основа, организира,  функционира и регистрира под услови и на начин утврдени со закон.

Националното претставничко тело на млади има Статут кој се донесува со мнозинство од вкупниот број на претставници.

Во Статутот се регулираат внатрешната структура, начинот на работа, изборот на претставници, утврдување на членство и други прашања кои се однесуваат на организацијата и функционирањето на Националното претставничко тело на млади.

 

Член 10

Делокругот на работа на Националното претставничко тело на млади се состои од:

  • Промовирање на соработка помеѓу и со младите;
  • Промовирање на младинско учество во креирање младински политики;
  • Претставување на младите од Република Северна Македонија на национално, европско и меѓународно ниво;
  • Поттикнување и унапредување на младинското организирање на локално и национално ниво;
  • Предлагање акции и мерки кон носителите на одлуки во насока на поддршка на потребите и интересите на младите луѓе;
  • Избор на младински претставници во Националното советодавно тело за младински политики;
  • други активности за промовирање на интересите на младинското организирање и учество согласно овој закон и Статутот.

 

Оперативните трошоци за организирање на генерални собранија и состаноци со членките на телото, по претходно доставен финансиски план, се покриваат со финансиски средства од Буџетот на Република Северна Македонија.

 

III. РЕГИСТАР НА ФОРМИ НА МЛАДИНСКО ОРГАНИЗИРАЊЕ

Член 11

 

  • Регистарот на младински организации и организации за млади го води Агенцијата за млади и спорт.
  • При уписот во регистарот од ставот 1 од овој член, организациите се должни до Агенцијата за млади и спорт да достават:
  • барање за упис во регистарот;
  • решение за извршен упис во Централниот регистар на РСМ;
  • листа на основачи на организацијата;
  • статутот на организацијата;
  • програма за работа на организацијата;
  • вкупен број на членови на организацијата; и
  • број на членови од 15 до 29 години.

 

  • Агенцијата за млади и спорт одлучува со решение за упис во рок од 15 дена од денот на прием на барањето за упис во регистарот.
  • Формата, содржината и начинот на водење на регистарот ги уредува Агенцијата за млади и спорт.
  • Регистарот е јавен и е достапен на интернет страна на Агенцијата за млади и спорт.

 

 

 

  1. IV. МЛАДИНСКО УЧЕСТВО

 

Национално советодавно тело за младински политики

Член 12      

 

  • Националното советодавно тело за младински политики (во понатамошниот текст: советодавно тело) е тело за соработка помеѓу младински претставници и претставници на органите на државната управа кое кои има советодавна и надзорна улога при спроведувањето на младинските политики и активностите за млади.
  • Националното советодавно тело за младински политики се формира со одлука на Влада на РСМ.
  • Националното советодавно тело за младински политики е составено од претставници именувани од органите на државната управа, но не повеќе од осум членови, и девет младински претставници избрани од Националното претставничко тело на младите.
  • Членовите именувани од органите државната управа имаат мандат од три години со право на еден реизбор. Младинските претставници избрани од претставничкото тело имаат мандат од две години со право на еден реизбор.
  • Националното советодавно тело за младински политики носи свој Деловник за работа.
  • Административна, финансиска и логистичка поддршка за работата на Националното советодавно тело за младински политики обезбедува Владата на РСМ.

 

Член 13

 

  • Надлежности на Националното советодавно тело за младински политики се:

 

  • Дава мислење и препораки за спроведување на прописите и младинските политики;
  • Дава мислење за Националната стратегија за млади и за акцискиот план за спроведување на Националната стратегија за млади;
  • Дава мислење за буџетските средства наменети за млади како и предлози, мислења и препораки за финансирањето на активности поврзани со млади;
  • Дава мислење за учеството и работата на Советите на млади при единиците на локалните самоуправи и градот Скопје;
  • Иницира разгледување на прашања за млади до Владата и Собранието на Република Македонија;
  • Предлага воспоставување на механизми за оценување на младинското учество и остварување на младинските интереси во општествениот живот;
  • Објавува извештаи (тематски и периодични) за правата, можностите и потребите на младите во Република Македонија;
  • Ги следи препораките на Европската Унија за млади и се застапува за подобрување на политиките за млади;
  • Oрганизира настани и консултации за својата работа со младински организациии и млади;
  • Врши други активности поврзани со младите и нивните интереси, согласно Деловникот и овој закон.
  1. ЛОКАЛНИ МЛАДИНСКИ СОВЕТИ

 

Формирање на локални младински совети

Член 14

 

  • Единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје со Статут предвидуваат формирање на локални младински совети.
  • ЛМС имаат советодавна и застапувачка улога во ЕЛС и градот Скопје од делокругот на младински прашања и политики.
  • Претставниците на локалниот младински совет имаат право да:
  • предлагаат точки на дневен ред на Советот на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје кои ги засегаат младите;
  • иницираат прашања за млади од делокругот на работата на единицата на локалната самоуправа или Градот Скопје;
  • иницираат, учествуваат и даваат повратни информации за процесот на локална младинска стратегија и други политики;
  • доставуваат информации до единиците на локалната самоуправа или Градот Скопје за прашања кои се однесуваат на младите;
  • вршат други советодавни и застапувачки работи во согласност со овој Закон.
  • Бројот на членови на ЛМС е непарен и не надминува повеќе од една третина од членовите на Советот на Општината, но не брои помалку од пет лица.
  • Членовите на ЛМС имаат мандат од две години со право на еден реизбор.

 

 

Локално Собрание на млади

Член 15

 

  • Иницијативниот одбор го распишува повикот за локално собрание за млади во согласност со Статутот на ЕЛС и Градот Скопје по принципот на транспарентност и јавност.
  • Во Собранието на млади можат да членуваат младински организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации, неформални групи на млади и други облици на здружување на млади.
  • Формите на организирање и здружување од ставот 2 на членот 15 не мора да бидат регистрирани во единицата на локалната самоуправа, но мора да имаат активности на територијата на единицата на локалната самоуправа во чие што Собрание членуваат.
  • Формите на организирање кои членуваат во Годишното Собрание за млади номинираат делегат и заменик делегат .
  • Делегатот и заменик делегатот од претходниот став е жител на единицата на локалната самоуправа на возраст од 15 до 29 години.

 

 

Избор на членови на локални младински совет

Член 16

 

  • Собранието објавува јавен повик за членови за локалниот младински совет
  • Јавниот повик се објавува на веб страната на ЕЛС и Градот Скопје.
  • Собранието избира членови на ЛМС по пат на непосредни избори со тајно гласање во кое право на глас имаат делегатите од локалното собрание на млади.
  • За избрани членови на ЛМС се сметаат оние кандидати кои освоиле најмногу гласови од страна на присутните делегати.
  • Членовите на локалните младински совети на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје се верификуваат од страна на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје по добиена одлука за избор на членови од страна на Собранието на млади на единиците локалната самоуправа или Градот Скопје.
  • Од избраните членови на ЛМС се избираат претседател и заменик претседател.

 

 

  1. VI. ПОЛИТИКИ ЗА МЛАДИ

 

Национална стратегија за млади

Член 17

 

  • Националната стратегија за млади ја изработува Агенцијата за млади и спорт низ консултативен, инклузивен и транспарентен процес.
  • Агенцијата за млади и спорт ја доставува стратегијата до Владата на Р.М, по претходна консултација со Националното советодавно тело за млади.
  • Националната стратегија за млади ја донесува Владата на РСМ.
  • Националната стратегија за млади се носи за период од пет години.
  • Акциските планови за Националната стратегија за млади се носат во период од една до три години и за нив се поднесува и буџет за реализација.
  • Националната стратегија за млади се спроведува со финансиски средства од Буџетот на РСМ.
  • Владата на РСМ подготвува годишен извештај за спроведување на Националната стратегија за млади и акцискиот план кој се разгледува на Собрание.

 

Локална стратегија за млади

Член 18

  • Локалната стратегија за млади се носи во соработка со локалниот совет за млади и други форми на младинско организирање.
  • Локалната младинска стратегија се носи за период од пет години.
  • Локалната младинска стратегија ја носи Советот на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје.
  • Локалната младинска стратегија е во согласност со приоритетите на Националната стратегија за млади.
  • Акциските планови за Локалната стратегија за млади се носат во период од една до три години и за нив се поднесува и буџет за реализација.
  • Локалната стратегија за млади се спроведува со буџетски средства од единиците на локалната самуправа и Градот Скопје.

 

VII. СЕРВИСИ ЗА МЛАДИ

 

Канцеларија за млади

Член 19

 

Единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје  формираат канцеларија за млади од каде се координира работата за млади во единиците на локалната самоуправа и град Скопје и претставува примарна точка за пристап на младите на локално ниво.

 

 

Младински центар

Член 20

 

  • Младинските центри се места каде се подготвуваат и спроведуваат програми кои ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјален и професионален живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите.
  • Во младинскиот центар се организираат дебати, обуки и истиот бесплатно го користат локалните младински совети и други младински форми на организирање.
  • Во младинскиот центар се формираат младински клубови за врсничка едукација.
  • За работа со млади во младинскиот центар одговорни ќе бидат младински работници.
  • Управувањето со младинските центри ќе биде уредено со акти донесени од единиците на локалната самоуправа.

 

Член 21

 

За следење на работата на младинските центри се поднесуваат годишни извештаи до ЗЕЛС.

 

Член 22

 

Органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје се задолжени да одредат Службеник за млади, лице одговорно за работењето на Канцеларијата за млади за координирање, спроведување и следење на прашања од интерес на младите во делокругот на надлежностите на институцијата.

 

Службениците за млади изготвуваат годишни извештаи за работата на институциите во делокругот на млади кои ги поднесуваат до Агенцијата за млади и спорт, и ги објавуваат на веб страните на органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и Град Скопје.

 

Контакт информациите за службениците за млади се јавно достапни преку гласилата на органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и Град Скопје.

 

VIII. ФИНАНСИРАЊЕ

 

Член 23

 

За спроведување на Законот за млади, од Буџетот на Р.М за млади се издвојува најмалку 1% на годишно ниво.

Од буџетите на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје за млади се издвојуваат најмалку 0,5% на годишно ниво.

 

  1. IX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 24

 

  • Правилник за условите за распределба и користење на буџетските средства предвидени во член 11, ставовите 1 и 2, Владата на Р.М, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје донесуваат најдоцна до 90 дена од денот на стапување во сила на овој Закон.
  • Правилник за начинот на избор на младинските претставници и претставниците на институциите предвидени во член 14, Владата на Р.М донесува најдоцна до 180 дена од денот на стапување во сила на овој Закон.
  • Единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје формираат канцеларија за млади најдоцна до 90 дена од денот на стапување во сила на овој Закон.
  • Органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје определуваат Службеник за млади најдоцна до 60 дена од денот на стапување во сила на овој Закон.
  • Агенцијата за млади и спорт изготвува регистар на младински организации и организации за млади во рок од 60 дена од денот на стапување во сила на овој Закон.
  • Секторот за млади при Агенцијата за млади и спорт воспоставува и раководи со истражувачки оддел за различни теми поврзани со младите.
  • Во рок од пет години од стапување на сила на овој закон единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје отвораат младински центри.

 

Член 25

 

Овој закон стапува на сила 8 дена од денот на објавување во Службен Весник на Р.М.

 

Ваш коментар