Извештај од консултативна средба

13.06.2019, Битола

    

Присутни говорници: Томислав Гајтановски, Ивана Туфегџиќ и Блажен Малески.

Фасилитатор: Виктор Илиев

Информации околу почетокот на консултативната средба, содржината и говорите на говорниците

Пред почетокот на настанот говорниците дадоа изјава во врска со настанот и она што е предмет на дискусија на настанот. Во прилог е линк од видео запис со изјавите:

https://tera.mk/%D0%B4%D0%B0%D0%BB%D0%B8-%D0%B8-%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D0%BA%D1%83-%D1%81%D0%B5-%D1%81%D0%BB%D1%83%D1%88%D0%B0-%D0%B7%D0%B1%D0%BE%D1%80%D0%BE%D1%82-%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%BB%D0%B0%D0%B4%D0%B8%D1%82%D0%B5/?fbclid=IwAR2iemqa1H41mpzubAPAaI1zk-IzL5NJaunAgnsMVzOr8k5GIjDAS9lFlng

Настанот започна во 13.10 часот и одеше по предвидената агенда.

Виктор Илиев им посака добредојде на учесниците и се заблагодари на организаторите и говорниците на настанот како и мисијата на ОБСЕ за поддршката во процесот на изработка на овој важен закон за младите во државава.

Пратеничката Ивана Туфегџиќ се обрати на присутните и се наврати на важноста на ова законско решение за младите во државава со кое конечно ќе имаат можности не само да даваат мислења и да се консултирани, но и активно да придонесуваат во процесот. Исто така коментирајќи го процесот истакна за важноста на работната група во која на иста маса седнаа и дискутираа претставници од најголемите младински коалиции, како и подмладоци на политичките партии од позицијата и опозицијата правејќи компромиси во насока на постигнување на консензус за најдобро можно законско решение.

Виктор Илиев ги покани претставниците на младинските коалиции со свои излагања да ги презентираат клучните поенти и придобивки кои ги овозможува овој закон за младите и сите кои работат во полето млади.

Прв се обрати Блажен Малески од НМСМ кој се надоврза на пратеничката и исто така ја потенцира важноста како на законското решение за младите и сите кои работа во полето на млади, така и на важноста од седнувањето на заедничка маса на сите клучни фактори во државава, а иницирано од пратеничката во Собранието на РСМ.

Тој на почетокот исто така се осврна на процесот, за работата на работната група, за начинот на функционирањето и носењето на одлуки во работната група.

Потоа продолжи со презентирањето на дел од клучните одредби од законот, почнувајќи од основните одредби, кои како што истакна за прв пат се воведуваат формално правни формулации во поле млади. Продолжи со формите на младинско организирање и преставување каде конечно после долг период на непрепознавање на организациите кои работат во полето млади истите се дефинирани. Потоа за младинските чадор организации кои постоеја и порано, но сега се дорегулира со поставување на критериуми за репрезентативност на истите. Се осврна на воведувањето на можноста за формирање на претставничко тело на младите како главен претставник на младинското организирање и делокругот на работа на истото и продолжи со најавата за формирање на регистар на младински здруженија и организации за млади со што јасно ќе се издвојат од останатите здруженија и ќе добијат дополнително на видливост и важност.  Потоа за формирањето на ново национално советодавно тело за младински политики составено од клучните институции во државава кои работат со млади и младински организации кои притоа ќе работат и на јакнење на взаемната доверба имајќи го предвид фактот дека младите имаат изгубено доверба во институциите на државава.

Со свое излагање продолжи Томислав Гајтановски од Коалиција СЕГА кој посочи на разноврсноста во пристапите и пристапите на формирањето на Советите на млади кои сега со ова законско решение ќе се воведи на централно ниво и ќе се унифицираат во насока на креирање на одржливи и функционални решенија. Ова надополнето со воведувањето на Локално Собрание на млади кои нуди дополнителни можности за поширок опфат на младите. Потоа кратко се осврна за подобрувањата на процесите во носењето и следењето на националната и локалните стратегии за млади и за прв пат воведувањето на сервиси за младите – канцеларија за млади и младински центри.

Тој своето излагање го заврши со осврт на досегашното и предвиденото со овој закон буџетирање на потребите на младите. Со оглед на тоа што досега сево ова било на минимално ниво недоволно видливо и структурирано, сега следува на период на дискусии со министерството за финансии кои ќе треба да се усогласат ставовите за потребата и обемот на истото. Томислав заврши со завршните одредби кои предвидуваат конкретни рокови за исполнување на сиве овие работи предвидени во законот.

Согласно агендата Виктор Илиев го најави вториот дел на настанот во кој можност за учество имаат присутните со своите прашања, сугестии и коментари.

Прва со прашање се јави Наташа Чавдаровска од Форум 16. Прашањето беше за воведувањето на младинските центри и давањето надлежност на општините да управуваат со нив. Дали со ова се воведува и ограничување на младинските организации да имаат и управуваат со младински центри.

На ова прашање одговори пратеничката Ивана признавајќи дека постои мала терминолошка недопрецизираност, но го оправда ова решение како добро со оглед на долгорочната одржливост која ја нуди наместо досегашното зависење на ваквите центри од грантови и сл.

Потоа со коментари и сугестии се јави Маја Стевановска од Младински Совет Прилеп која го искажа задоволството од законот и валоризацијата на младинскиот работник со оглед на тоа што имаат 50тина волонтери и активно работат со младите. Таа посочи дека некои работи не и се доволно јасни во однос на преклопувањето на надлежности на младинските чадор организации и националното претставничко тело. Потоа дека иако спомнати во законот неформалните групи не се никако регулирани. Наредно што праша е за тоа оти 2/3  квота во АСМ за основање на претставничкото тело. Што со останатите 1/3 организации, дали ова ќе ги исклучи нив во наредниот период? Исто така праша како ќе оди буџетирањево на сево ова. И на крај даде предлог: со оглед на тоа што ќе се формираат локални младински совети да има некаква соработка и координација меѓу нив дали некое тело или сл.

На прашањата одговори пратеничката Ивана која посочи дека претставничкото тело посебно ќе нуди предност за помалите организации кои заедно ќе бидат посилни во застапувањето пред институциите. За неформалните групи додаде дека намерно се избегна да се довградуваат со допрецизирања оти тоа ќе доведе до нивно формализирање.

Блажен се надоврза и ја појасна разликата помеѓу младинските чадор организации и претставничкото тело пред се во фокусот и полето на дејствување кое кај организациите е пофокусирано, додека кај претставничкото тело поопшто и тоа дека претставничкото тело нуди можност за сите чадор организации да се вклучат и заеднички да застапуваат.

Потоа со коментари и прашања се јави Ана Шаторовска од УКЛО ФМ при правниот факултет која рече дека сведоци сме на злоупотреба на сите овие работи од политичарите во целиот изминат период и праша како сево ова ќе се заштити и избегни политичка злоупотреба. Праша исто и за вклученоста на политичките подмладоци во процесот како ризик од наметнување на нивните агенди. Исто така рече дека има одредени недоречености во текстот кои треба да се допрецизираат. Исто праша како се утврдени бројките за основање на совет национален или локален, оти баш тие нивоа се одредени.

Мартин Ивановски од УМС на ВМРО-ДПМНЕ рече дека младите не се доволно информирани за сево ова што се случува и дали ќе има предвидено некаква кампања и буџет за промоција со цел вклучување на повее млади. На тоа се надоврза неговиот колега од УМС кој рече дека клучно е буџетот тука во целиот процес и дека ако не се одобри сево ова е ранливо.

Ивана за ова одговори дека се сложува дека досега немало доволно инвестирано во промоција на информирањето на младите. Исто посочи дека не треба да се плашиме од политичките партии и дека досега немало доволно разбирање и комуникација меѓу НВО и нив и дека ова е можност за соработка и подобрување на взаемната доверба. Томислав се надоврза дека е добро АСМ да одреди буџет за промоција на законот.

Потоа се јави Сузана Стојчевска,педагог од ОУ Елпида Караманди, која рече дека е фино што при изработката на законот се зеле предвид и праксите во други држави и праша оти финансии се бара исклучиво од државниот буџет и не се предвидува можноста од ЕУ проекти и сл. На ова Ивана одговори дека тоа не е наведено но ное ја исклучува и ограничува можноста за аплицирање на владата или НА до ЕУ фондови со цел поддршка на овој буџет. Потоа Сузана дополни за можноста не преку владата туку директно да си се аплицира за буџет во овие фондови што Ивана повторно посочи и Блажен надополни дека нема никакво ограничување во законот за ова. Сузана рече дека фино е и ако ова големо претставничко тело понуди некои можности за вмрежување и соработка на училиштата со други училишта во Еразмус проектите.

Потоа со збор се јави Илија Василевски кој е социјален работник во ОУ Елпида Караманди и основач на новиот извиднички одред Молика од Битола, Неговата сугестија беше пуштање на долната граница за млади од 15 на 14 години со цел подобро опфаќање на периодот на транзиција од основно кон средно образование. На ова Блажен посочи дека иако е така наведено законот никој не ги ограничува да работат со помлади целни групи. Дека ова во главно е граница на вклученост на младите во репрезентативниот примерок за одредување на младинска организација.  Потоа Илија посочи дека бил и го видел младинскиот центар во Стразбур и дека фино е на државно ниво да се основаат ваков центар за да ги опслужува помалите организации кои доаѓаат од градови кои не можат да си дозволат буџет за вакво нешто. Потоа тој праша за квалификациите кои треба да ги имаат младинските работници. На ова Ивана му одговори дека се работи со СМР на текст за законско решение во кое попрецизно ќе се одредат тие.

Потоа Никола Милошевски од извидничкиот одред од Прилеп праша дали нивниот извиднички одред ќе мора да се регистрира како младинска организација и дали младите ќе имаат само советодавна улога во младинските совети. На ова Блажен му одговори дека со оглед на тоа што кај нив повеќето се млади законот нуди ваква можност за да се регистрираат во регистарот на АСМ и дека законот нуди можност младите не само да имаат советодавна улога туку и да имаат и активен придонес во креирањето на политиките.

Потоа Мартин Ивановски од УМС на ВРМО повторно праша дали сево ова има дава можност за учество на хуманитарните организации. На ова Блажен одговори дека во делот организации за млади постои широк опфат и дека ако хуманитарните организации како и други како Црвениот Крст, Синдикати и други кои работат со млади имаат сектор/оддел за работа со млади можат да бидат организации за млади и како такви да се вклучат во процесите.

За крај Блажен ја најави можноста за отворена онлајн консултација за сите кои ќе имаат дополнителни прашања и коментари.

14.50 часот

Со исцрпувањето на дискусијата и сите прашања се затвори настанот по што Виктор Илиев уште еднаш се заблагодари на организаторите и ОБСЕ за процесот како и на присутните учесници за нивниот придонес.

Ваш коментар