Извештај од втората консултативна средба со млади за Законот за младинско учество и младински политики

Хотел Глигоров, Струмица

29.05.2019 година

 

Консултативната средба се одржуваше во Хотел Глигоров, Струмица на 29ти мај 2019 година на која беа поканети млади од Струмица и од регионот и каде се даде можност тие да бидат запознаени со предлог текстот на Законот за младинско учество и младински политики. Целта на средбата беше да се слушнат и забележат сите предлози, забелешки, критики, мислење за текстот на законот.

Средбата започна во 13.15 со вовед од фасилитаторот Андреј Наумовски кои ги претстави говорниците и даде кратко објаснување за целта на средбата како и на кој начин ќе се одвива истата. На средбата како говорници беа присутни Ѓорѓи Тасев како претставник на Владата на Република Северна Македонија како и Блажен Малески како претставник на граѓанските организации. Најпрвин свое излагање имаше г-дин Тасев кој ја претстави техничката работа и временска рамка на работната група во Собранието на Република Северна Македонија на законот, а потоа г-дин Малески подетално ги објасни и прикажа во која насока одело размисливањето на работната група за да се дојде до овој текст на законот.

По презентацијата се започна со дискусија која се одвиваше на тој начин што учесниците ги споделуваат своите видувања за законот како и за моменталната состојба во Струмица, регионот околу Струмица и во Македонија. Претставниците на работната група врз основа на тоа даваа свој осврт на работите и го дообјаснуваа текстот на законот.

Првиот коментар се однесуваше на тоа дека предвидената буџетска рамка од 1% од буџетот на Република Северна Македонија е малку веројатно дека ќе се дозволи.

Како предлог беше дадено да има вклучување на младите во политиката. Беше предложено Законот да го уредува вклучувањето на младите во политиката, со ставање на акцент на учество во Собранието на Република Северна Македонија. Одреден процент од пратениците во Собранието да се задолжително млади лица кои би имале чист образ пред јавноста. Со ова би се допринело кон поголемо вклучување и активирање на младите како и развивање на нивното критичко мислење и давање на мислења за работата на Владата и Собранието преку нивното учество во донесувањето на закони. Со ова би се овозможило младите да добијат чувство на вклученост и дека допринесуваат за општеството и за сите млади. На ова следуваше коментар од еден учесниците дека можеби би било подобро доколку младите би биле без право на глас и предлог локалното претставување на младите да биде пресликано на национално ниво.

Како прашање се постави тоа што ќе се случи со моменталните младински совети по стапувањето во сила на Законот. И уште еднаш разграничување на локалните младински совети од советите за млади.

Предлог беше даден во однос на тоа дека треба во членот за младинска организација да се нагласи дека мандатот на управниот одбор/претседателот на организацијата завршува со наполнети 29 години. Исто така беше напоментато дека претставничкото тело треба да се издигне над другите организации и да има посебни критериуми. Младинските организации да се истакнуваат/да им се даде повеќе значење во однос на другите организации.

Се појави и прашањето на територијален опфат на младинските организации како и на младинските совети. Уште еднаш се нагласи дека организациите кои би се регистрирале во регистарот при АМС треба најмалку една година да спроведуваат акции за млади, а ова потекна од прашањето за тоа кои се критериумите за регистрација во регистарот. Потоа се предложи да се одредат точни критериуми за тоа која организација ќе биде младинска организација како и тоа да се одредат точни критериуми за тоа кој ќе биде дел од Националното претставничко тело.

Се наметна и прашањето за тоа кој ќе ги избира младите на локално ниво и кој ќе ги предлага на што членовите на работната група одговорија дека Локалното Собрание на млади ќе објавува повик за избор на членови на локалниот младински совет. Како забелешка беше наведено дека Законот не дава никакво органичување за изборот, а би требало.

Исто така се даде предлог за тоа да се наведе што точно се тие активности за млади кои се дефинирани во Законот, дали може да се наведе дека во активности вклучува и заложување за одредени политики. Се поставија и прашањета за тоа која ќе биде целта на младинското собрание, дали со активностите за млади би имало даночни олеснување како на пример поголемите настани што ги организираат организациите да бидат ослободени од некои трошоци(даноци) и која би била транспарентноста на трошењето на парите за младите. Беше споменато и дека тоа дека треба да има средства за специјализација или доедукација на младите.

Како прашање се наметна и тоа колку е буџетот кој се одделува за младите на што членовите на работната група одговорија дека е околу 36.000.000 евра, но тие пари не се канализирани и одат преку различни агенции и министерства. На ова следуваше предлог да се дефинира точно во Законот на што ќе се потрошат тие 1% од буџетот на државата.

Како предлог беше дадено и да има награда за мотивација(во вид на парични средства или нешто друго за младите кои ќе земат учество во органите уредени со Законот како и оние кои се активни во активностите за млади. Тука беше посочено дека еден од најдобрите начини за мотивација е преку добри примери веќе успешни настани.

Се постави прашањето за тоа колку членови брои Националното претставничко тело и кои се тие.

Беше предложено и тоа основните/тековните трошоци на младинските организации да бидат покриени од буџетот утврден со овој закон.

Исто така имаше предлог за тоа во Законот да се утврди дека младите ќе имаат влијание во креирањето на политики на локално ниво. Со уредувањето на Законот на локално ниво, да не се става приоритет само на големите општини, туку да се вклучат и малите или пак да се уреди со Законот да се здружуваат повеќе мали општини од еден регион. Врз основа на ова потоа беше дискутирано дека со здружување на повеќе општини, односно организации од повеќе општини и создавање на чадор организација ќе се добие на моќ во одлучувањето.

Беше посочено и дека ќе треба да се има некој кој би ги контролирал младинските организации на локално ниво особено во помалите средини.

Исто така како предлог беше споменато и тоа секоја младинска организација да делегира свој претставник во локалното Собрание за млади.

Беше предложено и тоа да се влијае на свеста на младите преку организирање на настани и работилници со цел да бидат дел од органите предвидени со овој Закон како и целокупно подигнување на свеста за младинско учество и активизам.

По ова се даде едно кратко резиме на средбата и благодарност за учеството на истата.

Ваш коментар