Извештај од консултативна средба

05 јуни 2019, Кавадарци

    

Присутни говорници:

Ивана Туфегџик – член на работна група

Зоран Илиески – член на работна група


Фасилитатор:

Моника Илиоска Кантарџиоска – Коалиција на младински организации СЕГА


Присутни на средбата: 56

Фасилитаторот, Моника И. Кантарџиоска, ја отвори средбата со појаснување на целта на консултативните средби и презентирање на агендата. Понатаму, даде краток вовед за подготовката на Законот и функционирањето на работната група. Таа ги информираше присутните дека ова не е единствена средба и дека досега вакви средби беа организирани во Скопје, Штип и Струмица и ги најави следните средби. Ги информираше присутните дека после презентацијата е предвиден дел каде ќе имаат можност да постават прашања или да дадат конкретни предлози за подобрување на текстот на Законот, но и ги упати дека можат да го дадат својот коментар и на www.zakonzamladi.ams.gov.mk. Моника ги најави членовите на работната група кои беа присутни и најави како ќе се одвива презентацијата на предлог Законот за младинско учество и младински политики.

Прв говорник на оваа консултативна средба беше Ивана Туфегџиќ, член на работната група и пратеник во Собранието на РСМ. Таа започна со заблагодарување на младите од о. Кавадарци заради големиот интерес за средбата и големиот број на присутни. Понатаму, Ивана даде краток осврт за причините и потребите од креирање на овој Закон, а говореше и за составот на работната група и процесот на драфтирање на предлог текстот на Законот.  По ова Ивана продолжи со презентација на делови од Законот: Дефинирање на млади, младински организации, организации за млади, чадор организација, Регистар за младински организации, и од делот за Младинско учество говореше за националното советодавно тело за младински политики. Кога ги презентираше формите на младинско организирање и претставување појасни дека средношколското и студентското здружување се изоставени од овој Закон затоа што се дефинирани со Законот за средно образование и Законот за високото образование.

Следен говорник беше Зоран Илиески, член на работната група и Извршен Директор на Коалиција на младински организации СЕГА. Тој започна со информирање на присутните дека досега за ниту еден закон (особено за закон кој ги засега младите) не се спровел ваков консултативен процес, во кој младите ќе имаат можност да кажат што мислат и директно да влијаат во подобрување на текстот. Тој укажа на важноста на Законот за младите и дека истиот е креиран во насока на нивното идно делување и дека ќе им овозможи директно да влијаат на промените во општеството. По ова, Зоран ги презентираше деловите од предлог Законот во делот Младинско учество на локално ниво – Локални младински совети, Локално собрание за млади, Избор на членови во Локалните младински совети; Стратегии за млади – национални и локални; Сервиси за млади – Канцеларија за млади, и младински центри за кои појасни дека работната група ги предвидела генерално за да не се ограничуваат формите на центри (младински куќи, информативни центри, и сл.). Потоа продолжи со делот Финансирање а заврши со делот на Преодни и завршни одредби.

Моника им се заблагодари на членовите на работната група и им даде можност на присутните во салата најнапред доколку имаат потреба да постават прашања за дополнително појаснување на делови од законот до членовите на работната група. Присутните немаа вакви прашања, но дел од нив потенцираа дека би сакале да го прочитаат предлог текстот уште еднаш, при што фасилитаторот ги потсети за можноста од онлајн коментари. Потоа, ги покани да ја отворат дискусијата со забелешки, и предлози за подобрување.

ПРАШАЊА:

  • Благој Ѓелевски – бизнис сектор: Дали Законот предвидува дел за младинско претприемништво? Тој додаде дека младите се иселуваат од државата и праша дали со овој Закон може да се зголеми свеста кај младите за претприемништво? Тој истакна дека бизнис секторот се соочува со млади кои преферираат да работат во државна администрација, наспроти бизнис сектор а уште помалку се заинтересирани да отворат сопствен бизнис. И продолжи со тоа како националното советодавно тело би можело да влијае на политиките за претприемништво, кога истото е сочинето од мал број на членови?

Одговори Ивана Туфегџиќ – Законот не предвидува одредби за младинско претприемништво. Советодавното тело кое ќе го сочинуваат 9 претставници на младите/младинските организации. Кога Владата ќе подготвува Стратегија за поддршка на мали и средни претпријатија ќе ја составува со тие 9 члена. Членовите пак ќе овозможат вклучување на повеќе засегнати страни. Таа додаде дека Законот сам по себе нема да го реши проблемот со иселувањето, но ќе му овозможи на младиот човек да каже што мисли.

  • Александра Хаџит, член на Советот на млади на о. Кавадарци: Зошто гласањето за членови на Советот на млади треба да биде тајно? Таа понатаму образложи дека моменталниот Совет на млади е избран од Советот на општината, и дека во истиот било запазено сите групи на млади да имаат свој претставник.

Одговори Зоран Илиески: Постојат два начини да се даде легитимитет со посредно и непосредно гласање. Предлог законот дава можност за непосредно и тајно гласање за да се превенираат евентуални „притисоци“ за гласањето. Но во секој случај Вашето мислење ќе биде пренесено на состанокот на работна група/

  • Александра Хаџит, член на Советот на млади на о. Кавадарци: Кога ќе се формира Собранието дали ќе бидат информирани сите млади дека можат да се пријават за членови на Советот на млади? Понатаму праша дали Собранието може да обезбеди учество на различни групи на млади во Советот на млади, затоа што вака повторно може да се исполитизира што тогаш е поразлично?

Одговори Илиески: Собранието како што го предвидува Законот дава отворена и поддеднаква можност на сите да бираат и да бидат избрани. Во Собранието секој оној кој ќе сака да се кандидира за член на Советот на млади ќе треба да се избори пред младите и да ги освои нивните симпатии за да биде изгласан.

  • Асан Амков, Креактив: Истакна дека треба да има поголема соработка помеѓу граѓанските организации и институциите (особено училиштата). Тој предложи да се воспостави волонтерски центар и да се креира регистар на волонтери.
  • Татјана, професор во СОУ Добри Даскалов: Зошто законот предвидува за млади да се сметаат лица на возраст од 15 – 29 години? Како е утврдена возрасната граница? Зошто не може да биде на возраст од 14 години, има доста млади на оваа возраст кои се способни и мотивирани и имаат критичко размислување. Сепак, сметам дека тие треба да бидат полнолетни за да можат да сносат и одговорност.

Одговори Туфегџик: Возрасната граница е усогласена со практиките и дефинициите од Европската Унија. Целта на законот е да се овозможи учество на младите што е различно од полнолетството, и истиот овозможува младите да бидат слушнати што мислат особено за прашања кои нив ги засегаат. Точно е и убаво е да се слушне дека и кај помладите е развиен активизмот, и тоа треба да биде основа кога тие ќе наполнат 15 години веќе да можат да го практикуваат овој закон.

Присутните немаа повеќе прашања, а дел од нив одново посочија дека имаат потреба убаво да го прочитаат законот како би дале конструктувни забелешки.

Фасилитаторот уште еднаш ги потсети за можноста да достават коментар на www.zakonzamladi.ams.gov.mk и им се заблагодари за учеството на младите, претставниците од младинските организации, училиштата, локалната самоуправа и бизнис секторот. За крај се заблагодари на претставниците на работната група.

Консултативната средба заврши во 14:20 минути.

Ваш коментар